ВЕЛЕС СЕ ЗБРАТИМИ СО НОВОГАРД
Листата на збратимени градови и градови пријатели на Велес и официјално се прошири со Општина Новогард, Република Полска. На официјалното потпишување на Повелбата за збратимување, на 3-ти јуни годинава присуствуваше петчлена делегација од Република Полска. На свечениот чин во општината му претходеше потпишување на Повелбата за збратимување помеѓу средните стручни училишта „Коле Неделковски“ - Велес и „Станислав Сташиц“ - Новогард. „Среќен сум што ја потпишавме повелбата што значи дека младите од Велес и Новогард ќе можат да соработуваат, изјави за медиумите, Стефан Шитковски, директор на средното училиште „Станислав Сташиц“.
За директорот на училиштето „Коле Неделковски“ Валентин Елисковски збратимувањето на училиштата значи многу бидејќи се работи за многу слични училишта според образовниот профил. „Веќе договоривме нашите ученици да го посетат училиштето во Полска, а ученици од Новогард да дојдат овде“, рече Елисковски.
Повелбата за збратимување на двете општини ја потпишаа градоначалниците Горан Петров и Кажимир Жемба.
„Велес и официјално доби уште еден град пријател. Денешното потпишување на повелбата значи започнување на процесот на развивање на нашите меѓусебни врски, нашето пријателство. Убеден сум дека тие врски ќе се развиваат во областа на културата, образованието, преку нашите училишта, пред се преку економијата и заедничките проекти“, рече градоначалникот Петров на прес конференцијата по повод збратимувањето.
„Задоволство ми е што денес ја потпишавме повелбата за збратимување со Велес. Новогард веќе соработува со повеќе општини во Европа. Понатамошната соработка со Велес ќе зависи и од иницијативата и интересот на Општина Велес за областите на соработка“, изјави Кажимир Жемба, Градоначалник на Новогард.
Тој пред новинарите презентираше предностите на Новогард како општина лоцирана во близина на на Балтичкото море, со богата историја и култура и динамичен локален економски развој. На 1900 километри од Велес, со 26.000 жители, новиот град пријател е можност за соработка помеѓу ѓраѓаните на двете општини кои покрај културните вредности ги зближуваат и езерата. Езерото во Новогард се наоѓа во самото градско подрачје. Новото пријателство се случи благодарение на соработката помеѓу училиштата „Коле Неделковски“ и „Станислав Сташиц“, желбата на нашиот сограѓанин Зоран Балов кој живее во Новогард и велешанецот Орданчо Амбарков и поддршката од Советот на Општина Велес.