Жана Ангеловска и Братислав Тешковски добитници на Рациновите признанија 2010
Жана Ангеловска, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во пензија е добитник на Почесното Рациново признание“ за 2010 година за нејзиниот придонес во афирмацијата на македонскиот јазик и литература во Република Франција и франкофонските земји. „Рациновото признание за најдобра прозна книга во 2010 година ќе му биде доделено на писателот Братислав Ташковски за неговиот роман „Кафез од гревови“ во издание на „Макавеј“.
На прес - конференцијата што на 7-ми јуни годинава се одржа по повод престојното 47-мо издание на манифестацијата „Рацинови средби“, Жири комисијата за доделување на „Рациновото признание“ во состав Трајче Кацаров-претседател и членовите д-р Маја Јакимовска - Тошиќ и Светлана Христова Јоциќ ја образложи одлуката за доделување на признанието. „Сметам дека човекот кој ќе го понесе признанието го заслужил. Од пристигнатите 25 прозни дела одлучивме дека Рациновото признание треба да го понесе романот на Братислав Ташковски“, рече минатогодишниот лауреат Трајче Кацаров. „Романот Кафез од гревови ни го претставува Братислав Ташковски како впечатлив раскажувач кој со совладана раскажувачка вештина не вовлекува во тематиката на својата прозна исповед како пишано сведоштво на едно сложено време (почетокот на балканскиот XX век), но и на еден веќе трајно етаблиран лик во нашата литература, ликот на Иван Источни, посветен духовник и бунтовен револуционер. Ташковски ја пласира тезата дека токму срцето е духовен центар на човекот, неговото најдлабоко јас, местото каде што се одвива средбата со Бог“, стои меѓу другото во образложението на одлуката. „Тоа е големо признание и јас сум свесен за неговото значење за секој македонски автор. Историјата на овој фестивал ми е добро позната, сум учествувал како поет ,а сега ќе учествувам како прозаист и во секој случај тоа е една голема доверба “ изјави за медиумите годинешниот лауреат Бранислав Ташковски. Инаку романот „Кафез од гревови“ е втор дел од трилогијата „Македоника“ на Ташковски чиј прв роман беше насловен „Ако даде Господ“.
Во него Ташковски како што вели самиот „Се обидува да навлезе како толкувач на мрачната историја на македонскиот народ. „Македонскиот XX век е полн со гревови и во тој кафез на гревови го затворам мојот лик кој се бори и опстојува“.
Како што на прес конференцијата изјави градоначалникот Горан Петров, Рациновите признанија на добитниците ќе им бидат врачени во рамките на Манифестацијата „Рацинови средби“ која годинава ќе се одржи на 10-ти и 11-ти јуни. Беседата за Рацин, почитта на спомен обележјата на поетот и традиционалната грнчарска работилница се дел од содржините на 47-то издание на манифестацијата. Годинава дел од Рациновите средби ќе биде посветен на академик Гане Тодоровски кого Македонија го загуби неодамна, а за Рацин ќе зборуваат добитничката на Почесното Рациново признание, Жана Ангеловска и писателот Ефтим Клетников. Ќе биде промовирана и книгата „Реквием за Рацин“ од Матеја Матевски, а во чест на лауреатите ќе настапи Сузана Спасовска.