ВАРДАРСКА РЕГАТА 2010

По повод 107 годишнината од делото на Гемиџиите и 140 години од раѓањето на велешкиот војвода Јован Наумов-Алабакот, од 1-ви до 4-ти јули годинава, во Велес ќе се одржи традиционалната манифестација „Вардарска регата - Гемиџии“. Годинава, по цели 17 години пауза, граѓаните ќе имаат можност да видат гемија. Како што на прес конференцијата по повод настанот најави Зоран Ѓуровски, претседател на Организациониот одбор „најзначајна е изработката на гемијата  како симбол и спомен на Велес во 19-от век , која на први јули ќе заплови  во водите на Вардар  придружувана од неколку чамци, а пловилата ќе бидат следени од караван по копнен пат“.

Гемијата која ја изработија поискусните велешки кајакари е долга 5, а широка 3 метри и во 4-те дена на манифестацијата  ќе плови до Гевгелија. Во тој период учесниците трипати ќе логоруваат и ќе преспијат во шатори. Пловидбата ќе заврши во недела со пристигнувањето во Гевгелија.  Во предвечерјето на регатата , на 30-ти јуни (среда) , со почеток во 21 часот, пред споменикот на Гемиџиите ќе се одржи вечер на македонски патриотски песни на која ќе настапат Елена Велеска, Гоце Арнаудов и група „Виртус“ Активностите за Вардарската регата  ги реализира Организационен одбор, а носител е Сојузот на спортови на Велес во соработка  со Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, Дирекцијата за заштита и спасување, Црвениот крст, АРМ, Кајак кану клубовите, Ротари клуб  и Општа болница – Велес.