Гемијата се врати во Вардар
По 17 години пауза, на 1-ви јули годинава, Велес ја возобнови традицијата на Вардарската регата организирана во знак на почит кон Гемиџиите и нивното дело за Македонија. Во Вардар повторно заплови гемијата што ја изработија искусните кајакари од велешките клубови во придружба на чамци исполнети со спортисти, членови на организациониот одбор и новинари кои се вклучија во регатата.„Ова е голем ден за нас. Денес сме горди на нашите корени, на нашата традиција, горди сме што сме Македоници“ рече Зоран Ѓуровски, претседател на Сојузот на спортови – носител на Вардарската Регата 2010“. Ѓуровски го потенцираше значењето на настанот за Велес и велешани како и поддршката што организацијата на регатата ја доби од Општина Велес и од бројни спонзори.
Стартот на пловидбата го благослови Митрополитот на Повардарската епархија, господин Агатангел. „ Ние Македонсците исполнети со љубовта кон Бога и нашите најмили кои ги положија своите животи за да можеме денеска слободно да живееме и да размислуваме, да ги искажуваме своите национални , културни чувства, благодарение на нив кои ги положија своите животи, денес ние опстојуваме на овие простори“, рече Митрополитот кој го повика заштитникот на морепловците Св. Николај Чудотворец да ги штити учесниците во регатата.
Стартот на Вардарската регата „Гемиџии“ симболично со фрлање на венец во водите на Вардар го означи градоначалникот Горан Петров: „Денеска го возобновуваме минатото со она што значи најсветла традиција за нашиот град. Да им оддадеме признание на сите оние кои ги положија своите животи за Република Македонија, за сите оние што не се штеделе и се арчеле за Македонија“, рече Петров кој потенцираше дека вториот аспект на настанот е возобновувањето на традицијата на трговски врски кои во минатото се одвивале преку реката Вардар.
Градоначалникот Петров имаше мопжност во целост да го доживее возобновувањето на регатата предводејќи го стартот на пловидбата на гемијата. Шаренилото во Вардар ги врати сеќавањата на постарите велешани за традицијата која повторно се врати во градот на Гемиџиите. Новите велешки гемиџии тргнаа кон својата цел - Гевгелија.