Фолклорот го освои Велес
Во преполниот амфитеатар во Младинскиот парк, на 1-ви јули годинава, стратуваше 7-то издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“ 2010. Традиционално, на свеченото отворање му претходеше дефиле на учесниците низ улиците на Велес. Граѓаните на Велес и гостите од странство ги воодушеви настапот на децата од градинката „Димче Мирчев“ кои со кореографијата „Воден свет“ им посакаа добредојде на присутните. Посебно доживување за публиката беше настапот на македонскиот културен амбасадор, ансамблот „Танец“ чии членови настапија како специјални гости на фестивалот.
„Седма година по ред фолклорот е нашата моќна приказна, нашето лице, она што не определува по просторите од кои доаѓаме и вредностите што ги носиме. Годинава Организациониот одбор на фестивалот одлучи посебно место да им даде на младите како носители на фолклорните традиции за генерациите што допрва доаѓаат“, рече Томе Јаневски, претседател на Организациониот одбор кој ги презентираше учесниците и мотото на годинешното издание на фестивалот „Младите и фолклорот“.
7-то издание на Интернационалниот фолклорен фестивал го отвори градоначалникот Горан Петров. „Како град во кој народниот дух има вековна традиција. град во кој е создадено првото училиште на световен македонски јазик, каде чалгијата е уникатен музички израз и каде се создадени песни што денес се музички бисери на македонскиог народ: Велес е природно предодреден да биде центар на фолклорните традиции“ , рече Петров.
Во знак на благодарност Петров и Јаневски им врачија благодарници на ансамблот „Танец“ и Младинскиот клуб на мажоретки со оркестарот „Перкусион“ кои го предводеа фестивалското дефиле. На првата фестивалска вечер настапија ансамблите „Дорулетул“ од Република Романија, КУД „Севдах“ од Врање, Република Србија, „Макамличета“ од Република Бугарија, Заедницата за фолклорни танци-Универзитет „Мармара“- Република Турција и КУД „Керамичар“ од Велес. Фестивалот продолжува на сцената во Младинскиот парк. Ансамблите ќе настапат и во соседните општини Чашка и Градско. Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“ ќе биде затворен со завршната фестивалска вечер во недела, 4-ти јули.