ИФФ 2010 - од Австралија до Велес
Затворањето на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“ 2010 донесе посебно изненадување за присутните љубители на фолклорот. На 4-ти јули годинава, на сцената во Младинскиот парк пред многубројната публика настапи ансамблот „Разиграна Македонка“ од Квиндијан, Австралија. Јонче Ценевски кој го предводеше ансамблот упати јавна благодарност за можноста да учествуваат на фестивалот. „Се надевам дека нашиот ансамбл кој го негува македонскиот фолклор во Австралија ќе наиде на ваков срдечен прием насекаде во Македонија“, рече Ценевски.
Финалната фестивалска вечер беше исполнета со незаборавни настапи на фолклорните ансамбли „Макамличета“ од Бугарија, „Севдах“ од Србија“, Универзитетот „Мармара“ од Турција и „Дорулетул“ од Романија.
Градоначалникот Горан Петров и претседателиот на Организациониот одбор Томе Јаневски на учесниците на фестивалот им доделија благодарници и статуетки. Фестивалот го затвори Градоначалникот Горан Петров кој упати благодарност до учесниците на фестивалот, организациониот одбор и сите организации и поединци кои ја помогнаа реализацијата. „Убеден сум дека учесниците на ова издание на фестивалот ќе останат во Вашите срца“, рече Петров кој најави дека веднаш започнуваат подготовките за следното издание на ИФФ „Велес“. Честа да го затвори седмото издание на Интернационалниот фолклорен фестивал ја имаше ансамблот „Вила Зора“ – Велес.