Австриски искуства во управувањето со отпад

Кон крајот на јуни годинава на покана на австриската агенција „АСА“ делегација на Вардарскиот плански регион  оствари студиска посета во Австрија и Чешка. Членовите на делегацијата предводена од Горан Петров, претседател на Советот за развој на Вардарскиот плански регион и Александар Бузалков, раководител на Центарот за развој на регионот имаа можност да ги видат модерните системи за управување со отпад на АСА во Виена и Химберг - Австрија како и во Брно – Чешка.

Центрите за прибирање, селектирање, обработка, компостирање, согорување и одлагање на отпадот на санитарна депонија, произвотството на метан за енергетска самоодржливост на постројките, организацијата на работата на јавните комунални претпријатија беа само дел од добрите практики што на лице место ги видоа членовите на делегацијата.

Студиската посета беше реализирана во рамките на проектот „Модернизација на управувањето со отпад во Вардарски плански регион (ВПР), преку изработка на пред-физибилити студија. Проектот е финансиран од страна на ОеКБ банка од Австрија, каде Вардарскиот плански регион  аплицираше со проект преку Општина Велес како најголема општина од регионот. Агенцијата АСА започна со изработка на студијата  во почетокот на месец мај 2010 год. Изработката   ќе трае 6 месеци и ќе ги опфати општините Св.Николе, Лозово, Велес, Чашка, Градско, Росоман, Кавадарци, Неготино и Демир Капија. Целта на студијата е да ги утврди најсоодветните модалитети на модернизирано управување со комуналниот отпад во Вардарскиот плански регион.