Промоција на Вардарскиот плански регион

Во рамките на манифестацијата „Промотивни денови на регионите“  во организација на ЗЕЛС и Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, на 8-ми јули годинава Вардарскиот регион се претстави пред македонските граѓани. На манифестацијата која се одржа на плоштадот во Скопје под мотото „Сакај ја Македонија, уживај во својата татковина“, клучните аспекти за развој на регион ги презентираше градоначалникот Горан Петров, претседател на Советот за развој на Вардарскиот плански регион. Тој ги потенцираше  информативните точки за развој на транзитниот туризам вдолж коридорот 10, проектот за брендирање на земјоделските производи, можностите  за изградба на хидроакумулации и вардарската регата како најзначајни  тековни проекти на кои работи Вадарскиот плански регион.

„Ќе ги претставиме културните традиции, фолклорот и гастрономската понуда за да можат граѓаните да ги запознаат и општините и регионот“, рече Петров во контекст на манифестацијата. За претстојните проекти и активности говореше Александар Бузалков, раководител на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион. „Со цел економски развој на регионот и создавање на поволна бизнис клима, центарот аплицираше со проект за промоција на Вардарскиот плански регион како атрактивна бизнис дестинација со акцент на промоција на стопанските зони во Вардарскиот плански регион“, рече  меѓу другото Бузалков.

 


9-те општини од регионот (Велес, Свети Николе, Лозово, Чашка, Росоман, Градско, Кавадарци, Неготино и Демир Капија) на штандови ги претставија своите природни убавини, туристички, економски, потенцијали, културно наследство и традиционални специјалитети. Покрај граѓаните штандовите на општините во регионот ги посетија и членовите на делегацијата на Комитетот на региони на ЕУ кои на 8-ми јули годинава, учествуваа на четвртиот редовен состанок на Заедничкиот консултативен комитет на Република Македонија и Комитетот на региони на ЕУ. Виното, традиционалните специјалитети и промотивните материјали го предизвикаа интересот на гостите.

 

Присутните на плоштадот ги воодушеви настапот на децата од градинката „Димче Мирчев“ од Велес кои го изведоа раскошниот танц „Воден свет.“ На манифестацијата, покрај децата од „Димче Мирчев настапија и „Црни мачиња“, „Анабела“ - Велес,културно уметничките друштва „Тодор Јанев“ - Чашка, „Кочо Рацин“ - Лозово, КУД „Росоман“ како и повеќе солисти меѓу кои Александар Белов и Тајчи од Неготино.