По 9-ти пат: Реинкарнација на театарот во Стоби
Пред многубројна публика, во античкиот театар на археолошкиот локалитет Стоби, на 17-ти јули годинава стартуваше деветото издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“. „Ова место, овој театар постои за Вас“ и порача на публиката Зоран Љутков, претседател на Организациониот одбор кој ја претстави програмата на фестивалот. Љутков нагласи дека деветото издание на „Стоби“ програмски претставува спој помеѓу античкиот и современиот театар. „Преку екот на камените блокови во овој антички театар ќе одекнува гласот на нашите предци“, рече Дарко Стефановски, Државен секретар во Министерството за култура.
Фестивалот го отвори Градоначалникот Горан Петров кој упати благодарност до сите институции, организации и поединци што го поддржуваат фестивалот. „Велес се гордее со својата културна понуда, со културната разноликост, со генијалните дејци. Особено сме горди на театарот и неговиот основоположник Џинот. Во Велес театарската уметност е дома, во својата природна средина. А Фестивалот Стоби е негова рожба и следственост“, рече меѓу другото Петров. Спектакуларниот огномет и годинава беше увертира во новите театарски доживувања на фестивалот кој ќе трае до 31 јули. Честа по 9-ти пат да ја оживее древната театарска сцена ја имаше Кумановскиот народен театар со претставата „Печалбари“ од Антон Панов во режија на Дејан Пројковски. Преплетувајќи го проклетството на Одисеј со македонската печалбарска судбина, претставата измами искрени аплаузи од публиката. Од вкупно 7 претстави на фестивалот 5 се во официјална конкуренција. На втората фестивалска вечер (понеделник 19-ти јули, 21 часот) публиката ќе може да го види најновото остварување на Драмски тетар-Скопје, претставата „Хамлет“ во режија на Дејан Пројковски.