Поддршка од Градоначалникот за најуспешниот спортски клуб
Со решение на Градоначалникот Горан Петров, на најуспешните спортисти, фудбалерките на „Борец“, им беше доделена финансиска поддршка во висина од 60.000 денари. Решението за доделување на средствата на претседателот на клубот Драган Димевски на 23 јули годинава му го врачи Градоначалникот Петров. „Влеговте во историјата на Велес како прва екипа што освои се што може да се освои во Македонија: националното првенство и националниот куп. Сега останува лигата на шампионите. Ценам дека како град треба да ве поддржиме и со финансиски средства . Во градот има субјекти и правни лица кои знаат што постигнавте во спортот и верувам дека ова ќе претставува поттик и тие да Ви ја дадат својата поддршка“, рече Градоначалникот Петров.
Тој им посака успех на претстојните натпревари во лигата на шампионите. На 1-ви август годинава, девојките заминуваат за Литванија каде ги очекува големиот предизвик во лигата на шампионите. Веќе ги имаат симпатиите и поддршката на сите љубители на спортот. Како што беше речено на средбата во општината, тие не само што се гордост на Велес и Македонија, туку и наши вистински амбасадори.