Баханалии на месечина
Во рамките на ИФАД „Стоби“, на 27-ми јули годинава ансамблот на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов“ –Џинот во преполниот антички театар ја изведе претставата „Баханалии“ на Горан Стефановски во режија на Наташа Поплавска. Публиката со овации и долготраен аплауз ја награди актерската екипа предводена од Васил Зафирчев во улогата на Дионис и Маја Љутков во улогата на Пентеј . Актуелноста на текстот на Стефановски кој прозвучи како шлаканица и крик за отрезнување на сите општества од Дионис до денес, го привлече вниманието на публиката. „Ќе ви дадам оган, ваша работа е дали ќе ја стоплите или ќе ја запалите куќата“, порача Дионис во претставата. Во изјавата за медиумите Васил Зафирчев изрази задоволство што по подолго време настапи во Стоби со претстава што допре до публиката. Присутните во Стоби заедно со актерите на сцената во една вечер ја живееја светлата и мрачната страна на Теба и менадите опиени од Дионис. И како посебно доживување на театарската вечер, небото над Стоби на „Баханлии“ им подари незаборавна месечина. Фестивалот продолжува на 30-ти јуни со претставата „Цар Едип-празникот на ослепувањето“ во изведба на Државните куклени театри од Пловдив, Бургас и Стара Загора, Република Бугарија.