VI-та Сликарско-копаничарска колонија „Папрадишки мајстори“
Дваесет и осум уметници од земјава и балканските простори, во десетдневен творечки наплив ги врамија шепотот на боите, гласот на историјата и душата на дрвото во своите дела со безвременски вредности. Уметниците од Словенија, Бугарија, Србија, Романија, Македонија и нашите велешани твореа во спомен куќите на Касапови и Џинот. Велешкото маало со автентична локација, стара архитектура и инспиративен поглед кон хоризонтот, стана дом на сликарите и копаничарите и ширум ги отвори портите и кепенците за сите намерници, вљубеници на уметноста.
Десет дена се создаваа дела, се градеа пријателства, се разменуваа искуства. Учесниците на VI-та Сликарско-копаничарска колонија „Папрадишки мнајстори“ го посетија локалитетот Стоби, се запознаа со недопрената убавина на Папрадиште и направија бројни посети на музеи, цркви и споменици на македонската култура и уметност.На средбата со која и официјално се одбележа завршувањето на VI-та Сликарско-копаничарска колонија „Папрадишки мајстори“ 2010 на сите учесници градоначалникот Горан Петров им врачи признанија. „Верувам дека со себе ќе понесете драги спомени, нови искуства, отпочнатите пријателства ќе продолжат да се калат, а нашиот Велес ќе остане во Вашите сеќавања и како град со љубезни домаќини . Дојдете пак!“
Делата создадени на VI-та Сликарско-копаничарска колонија „Папрадишки мајстори“ 2010 ќе бидат изложени на изложбата организирана во рамките на обележување на празникот на градот 9-ти Ноември.