Младите поети заслужено во Охрид

Во рамките на 42-те Детски Рацинови средби, во Организација на Општина Велес и Друштвото на родители за грижа за здраво поколение, младите македонски поети се дружеа во Охрид. Поетските надежи имаа можност од 15-ти до 24-ти август да престојуваат во детското одморалиште „Радости“ и да творат заеднички покрај Охридското езеро. Нивниот престој го овозможи Сојузот за грижи и воспитување на деца на Република Македонија со цел да ги мотивира и поттикне да продолжат да творат и да го негуваат македонскиот литературен јазик. Да се сподели личната креативност во автентичниот македонски амбиент беше драгоцено искуство за децата од 8 градови од Македонија кои ова искуство го заслужија со наградите на 42-те Детски Рацинови средби.

Вкупно 21 дете на возраст од 7 до 15 години го искусија  летното творечко дружење.За првпат во 42 годишната традиција на средбите, сите наградени деца имаа можност да летуваат во Охрид. Според најавите, оваа практика што значи голем поттик за младите литературни творци ќе продолжи и во иднина.