Животот се врати во училишните клупи

На првиот училишен ден од учебната 2010/2011 година, Велес по традиција го исполни џагор и раздвиженост. Разделбите со родителите и првата средба со училишните клупи ги исполнија училиштата со емоции.  Во оваа учебна година во основните училишта во Велес ќе учат вкупно  4939 ученици од кои 539 се првачиња. Во средните училишта  се запишани 3035 ученици од кои 739 во прва година. Градоначалникот Петров на средба со новинарите изрази жалење што во Велес  продолжува трендот на намалување на бројот на ученици кој годинава во основните училишта се намали за 5% . „Токму затоа уште пред два месеци на претседателот на Советот му доставив барање како точка на дневен ред  да ја стави предлог одлуката за спојување на училиштата „Благој Кирков“ и „Џинот“ во еден правен субјект. Верувам дека оваа предлог одлука повторно ќе се најде на дневен ред на некоја од наредните седници.

Едно училиште достави барање да му се дозволи да работи со помал број на деца од законски дозволениот минимум. Ние не можеме да го кршиме законот. Немам друга намера освен да обезбедам почитување на законите и  изнаоѓање на решение за проблемот“, рече меѓу другото Петров. Трендот на намалување на бројот на ученици веќе неколку години е горлив проблем во сферата на образованието кој бара постојани анализи и реформи. Градоначалникот Петров изрази надеж дека и членовите на Советот ќе направат своја анализа и така ќе придонесат за подобро образование во Велес. Во меѓувреме учениците им се вратија на предизвиците во училишните клупи.