Време за нови спортови - Одбојка на песок во Велес
Во организација на Општина Велес и Одбојкарскиот клуб „Борец“, на 4-ти и 5-ти септември годинава Велес ќе биде домаќин на првиот меѓународен турнир во одбојка на песок. „Ова е продолжување на напорите да ги поддржиме спортистите и спортските клубови во традиционалните, но и новите спортски дисциплини“ изјави на прес конференција Градоначалникот Горан Петров кој го образложи креирањето на игралиштето за одбојка на песок во градскиот парк. „Град кој има долга спортска традиција треба да има и соодветно игралиште за одбојка на песок“ рече Градоначалникот кој навести почеток на нова традиција на меѓународни натпревари во Велес.
Воедно Петров ја информираше јавноста дека претстојните два дена од викендот, натпреварите ќе се одржуват во периодот од 10 до 20 часот. Свеченото прогласување на победниците е најавено за в недела (5-ти септември), во 20 часот. Свеченоста со свој настап ќе ја збогати Александра Пилева. Во име на организаторот, Одбојкарскиот клуб „Борец“, Јованче Манасков ги информираше новинарите дека на првиот меѓународен турнир за одбојка на песок во Велес во машка и женска конкуренција ќе се натпреваруваат одбојкари од Македонија Србија, Албанија и Косово. „Околу 50 млади спортисти од Велес беа принудени да плаќаат превоз до игралиштето за одбојка на песок крај езерото Младост. Со ова игралиште уредено по сите меѓународни стандарди се овозможува активно негување на оваа спортска дисциплина во Велес и се создаваат услови за здраво спортување на чист воздух“, рече Манасков.