Празнично мото рели во Велес
Во рамките на 19-то издание на Меѓународното мото-рели „Независност 2010“, околу 300 мотоциклисти, на 3-ти септември годинава го донесоа звукот на брзината во Велес. Мотоциклистите ги пречекаа Градоначалникот Горан Петров и претседателот на Советот на Општина Велес , Славчо Чадиев и им посакаа успешно рели низ Македонија. Велес е првиот град што го посетија мотоциклистите кои одовде се упатија кон Штип.
Ѓорги Несторов, директор на релито кое традиционално се организира по повод 8-ми септември, Денот на независноста на Македонија изјави дека годинава на меѓународното рели кое ќе трае до 5-ти септември учествуваат 300 мотоциклисти од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Унгарија. Релито го организира Мотоциклистичката Федерација на Македонија. Патрон е Владата на Република Македонија, а покровител Агенцијата за млади и спорт. Релито го помагаат и општините низ кои поминуваат мотоциклистите.