Поддршка за стечајните работници
Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски изрази отворена поддршка
за стечајните работници кои деновиве мирно протестираат пред влезот на
општинската зграда со барање за конечно решавање на нивниот статус и
исплата на парична помош во износ од 100 евра по работник. На средбата
со претставниците од Здружението на стечајни работници од Велес како и
на средбата со над 300 стечајни работници која се одржа во големата
сала на Општина Велес, Градоначалникот Коцевски укажа дека општините
немаат надлежност да вработуваат и отвораат фабрики, туку да создадат
поволни услови за инвестиции.
Сепак поради горливите проблеми со кои во
континуитет и не по своја вина се соочуваат стечајните работници,
тој им изрази отворена поддршка со напомена дека на располагање ќе им
биде дадена големата сала во општината за одржување на средби и
состаноци како и други услуги кои ќе им бидат неопходни. Воедно
Коцевски напомена дека проблемите со кои се соочуваат стечајните
работници можат да се решат со измени во постојната законска регулатива
или со донесување на ново законско решение за нивниот статус до
пензионирање или до повторно вработување. Како можно решение тој го
посочи и воведувањето на стимулативни мерки за бизнис секторот кои би
вклучиле определени даночни или други олеснувања ако вработат лица од
оваа категорија.
Според Драган Здравковски, претседател на здружението на стечајните
работници, во Велес се регистрирани над 1450 граѓани од оваа
категорија. И покрај оставрените контакти со премиерот и министерот за
труд и социјална политика и обидите да се изнајде соодветно решение,
тие сеуште не се задоволни од постигнатите ефекти. Затоа најавија
радикални мерки доколку владата не ги прифати нивните барања.