Акција за Европа во Велес
Во рамките на програмата „Акција за Европа“, на 15 септември, во ликовниот салон во Велес се одржа конференција на тема „Што битно се промени по пристапувањето во членство на ЕУ?“. Настанот го организираа ФИООМ и Македонски центар за европско образование со Словачкото претседателство на Вишеградската група држави и фондацијата Фокус како локален партнер. На настанот присуствуваа амбасадорите на Словачка, Полска и Унгарија Роберт Кираг, Дариуш Карол Бахура и Ференц Кекеши како и Милан Фишер - заменик Амбасадор на Чешка.
Присутните на конференцијата ги поздрави Славчо Чадиев, претседател на Советот на Општина Велес кој ги потенцираше заложбите на општината за примена на европските стандарди на локално ниво. „Тоа е почетокот на една нова перспектива на Велес како општина за која етичките принципи на Европската Унија меѓу кои се транспарентноста, отчетноста, професионалноста, доброто раководење и нулта толеранција кон корупцијата се најголемите предизвици и задачи“, рече меѓу другото Чадиев. Присутните на конференцијата од амбасадорите можеа да ги слушнат искуствата од членството во Европската унија во специфични области од општествениот живот, а пред се во контекст на придобивките на граѓаните. Овој настан го означи почетокот на есенските активности на програмата „Акција за Европа“ и судејќи според дебатата го потврди интересот на велешани за европските прашања.