Поддршка за стечајците

Во организација на ЗГ „Хоризонти“, на 23 септември годинава стечајни работници од Велес одржаа мирен протест пред зградата на Општина Велес. Стечајците од Градоначалникот Горан Петров побараа да ги поддржи во заложбите за измена на законската регулатива и обезбедување надоместок за оваа група граѓани. Со став дека во Македонија поради „стечајната криза“ 400.000 лица се оставени да се снаоѓаат како знаат и умеат, велешките стечајни работници побараа од Градоначалникот план за надминување на состојбите.

 

Градоначалникот Петров се сретна со учесниците на протестот и им даде целосна поддршка во напорите да издејствуваат измена на законите и да обезбедат егзистенција. „Ние работиме на промоција на индустриските зони и се надевам дека ќе привлечеме инвеститори што значи отворање на нови работни места, а тоа е најважно“, рече Градоначалникот. Во потрага по поддршка за законските измени што ги предлагаат, стечајните работници организираат мирни протести пред голем број општини во Македонија.