„Денови на занаетчиството“ во Велес

Со цел да се промовираат можностите кои ги нудат занаетчиските комори во Македонија и занаетчиството да се доближи до младите, Занаетчиската комора на Македонија во соработка со Занаетчиската комора „Кобленц“ од Германија ја организира манифестацијата „Денови на занаетчиството“2010. На 24 септември годинава активностите во рамките на манифестацијата беа промовирани во Велес.

 

На промоцијата на која присуствуваа претставници на занаетчиските комори и гости од Комората „Кобленц“, присутните ги поздрави Градоначалникот Горан Петров кој ги нагласи заложбите на општината за развој на занаетчиството. „Општина Велес веќе работи на реализација на проект т.н инкубатор ќој треба да обезбеди соодветни просторни услови за занаетчиите и да им помогне да ги развијат своите мали бизниси“, рече Градоначалникот.

Според Златко Леов, претседател на Регионалната занаетчиска комора - Велес најголемиот проблем со кој се соочуваат занаетчиите во моментов е нелојалната конкуренција која негативно влијае на развојот. Манифестацијата  цели кон промоција на занаетчиството како фактор за одржлив економски развој. Во тој дух Градоначалникот Петров потпиша меморандум за соработка со Занаетчиската комора на Македонија во знак на поддршка на нивните активности. Посебна гордост за Велес е наградата за најдобар млад занаетчија во Република Македонија која на оваа манифестација и е доделена на велешанката  Благородна Донева, позната во велешката јавност по изработката на нејзините уникатни сувенири од македоснкото поднебје.