Велес се збогува со Градоначалникот Николовски

По повод смртта на г-дин Ордан Николовски, поранешен Градоначалник на Велес, на 28 септември годинава во Општина Велес се одржа комеморација. Во присуство на членовите на семејството,  голем број на функционери, претставници од јавниот живот во Велес и граѓани, последниот поздрав на својот колега му го упати  г-дин Горан Петров, актуелен  Градоначалник на Општина Велес. „Граѓаните на Велес Ордан Николовски ќе го паметат како прв градоначалник избран на непосредни избори. Тој го трасираше патот на локалната самоуправа, ги оформи службите, оствари соработка со централната власт и меѓународната заедница, ги создаде релациите Совет-Градоначалник. Николовски беше тој кој што ја отпочна комуникацијата со граѓаните и планирањето на развојот на општината. Сите ние што дојдовме после него чекориме по веќе изоден пат и само го надградуваме и реализираме она што тој го предвиде како визија за Велес“, рече Петров.

Ордан Николовски ја извршуваше функцијата Градоначалник на Општина Велес во периодот 1996-2000 година. По вокација правник во својата професионална кариера ќе ги запише искуствата од работата  во Народниот музеј, Економското училиште, „Брако“, Македонија проект“ и функцијата директор на  „Киро Ќучук“. Смртта  го затече како управник на сопствена фирма. Велешани ќе го паметат Николовски и по неговата љубов кон спортот и упорноста во секоја животна ситуација. Посмртните останки на Николовски беа погребани на гробиштата покрај срквата „Св. Спас“ во Велес.