Помош за децата без родители и жртвите на семејно насилство

Во рамките на одбележувањето на Светската Недела на Детето, општина Велес и годинава обезбеди помош во училишен прибор за децата брз родители и родителска грижа. Општината обезбеди и финансиска помош во висина од 45.000 денари за семејствата чии членови се жртви на семејно насилство. На 7-ми октомври годинава, Градоначалникот Горан Петров  и ја врачи  помошта за овие категории граѓани на Наде Трајковска, директор на меѓуопштинскиот Центар за социјална работа. „Желбата е да им се помогне  на сите овие категории граѓани и да се поттикнат други субјекти да обезбедуваат соодветна помош“, рече Градоначалникот.

За Трајковска потегот на општината придонесува и во работата на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа. „За првпат годинава покрај децата без родители, општината ги вклучува и жртвите на семејно насилство. Оваа помош е добредојдена за нас, особено кога имаме итни ситуации“ рече Трајковска. Годинава општината донираше училишен прибор за 20 деца без родители од прво одделение до средношколска возраст кои живеат и учат на подрачјето на општината. Општината обезбеди и по 3.000 денари за 15 жртви на семејно насилство.