Почнува кампањата за помош на сиромашните

Со светскиот ден на гладта, што ќе се одбележи утре на 16 октомври,  започнува еднонеделната кампања за помош на социјално загрозените семејства. „Помислете и на нас" е насловот на кампањата која има за цел да укаже на фактот  дека во средината во која живееме постојат голем број граѓани кои живеат без основните егзистенцијални услови.

„Со оваа кампања сакаме да ги поттикнеме оние субјекти кои би можеле преку донации, преку одреден вид на помош, да им помогнат на овие луѓе. Независно од се ние сепак сме дел од едно друштво, сите заедно живеме, и логично е како социјална држава, меѓусебно да си помагаме, рече др. Милчо Трајков", претседател на ОО на Црвен крст Велес. 

Со покана и флаер, Црвен крст ги повикува сите фирми во градов да донираат по 600 денари за помош на најранливата група граѓани. Младите волонтери пак преку забава во некој од клубовите во градот ќе се обидат да соберат пари кои исто така ќе бидат наменети за сиромашните граѓани. Пари ќе се собираат и од неколку продажни штандови низ градот.

Со свој допринос во кампањата годинава учествува и општина Велес. Градоначалникот Петров донираше чек во вредност од 500 евра. Овие пари подеднакво ќе им бидат доделени на 10 најзагрозени семејства во градот.

„Со оваа скромна донација би сакал да поттикнам што повеќе поединци, здруженија на граѓани, институции, сите со една единствена цел да им помогнеме на оние луѓе на кои што помошта им е најпотребна. Сега одбележуваме ден на една категорија на луѓе кои не по своја вина се наоѓаат на работ на егзистенцијата, рече Петров.

Од ланската кампања собрани се околу 70 илјди денари. Триесет илјади денари веќе се  искористени за одредени социјални случаи кои се нашле во тешка состојба а останатите 40 илјади ке бидат поделени на 40 семејства. Овие семејства ќе бидат избрани во училиштата, затоа што како што велат организаторите, од таму се собрале најголемиот дел од парите.

Инаку во меѓуопштинскиот центар за социјални работи регистрирани се 1.800 материјално необезбедени домаѓинства.