Рациновата поезија претставена во Словенија
На 13-ти октомври годинава во организација на Македонското културно друштво од Љубљана, во Градскиот музеј - Љубљана се одржа вечер посветена на истакнатиот македонски поет, револуционер и мислител Коста Солев Рацин. Во присуство на претставници од катедрата за славистика при Филолошкиот факултет во Љубљана и љубители на поезијата, за ликот и делото на Кочо Рацин говореше проф. Др. Васил Тоциновски. Тој на македонското културно друштво „Македонија“ од Љубљана му подари 15 репринти од изданието на „Бели мугри“.
За Рациновото дело говореше и почесниот гостин на вечерта, поетот и преведувачот Иван Минати кој во 1964-та година, прв ги преведе „Бели мугри“ на словенечки јазик. Збирката денес е составен дел од натпреварите во читање насловени „Читачка значка“ кои секоја година се одржуваат во училиштата во Словенија. Македонското друштво на писателот Минати му подари монографија за друштвото и репринт од изданието на „Бели мугри“. Во рамките на вечерта беше презентиран и филмот „Елегија за тебе“ што авторите Васил Зафирчев и Данчо Стефков го посветија на Рацин, а стиховите на „Денови“, „Татунчо“, „Тутуноберачите“ и другите Рацинови незаборави на сите словенски јазици ги интерпретираа студентите од катедрата за славистика при Филолошкиот факултет во Љубљана. На настанот ученици од средното ликовно училиште во Љубљана цртаа на тема „Рацин“. Организацијата на настанот финансиски ја поддржа Општина Љубљана. Организаторите добија поддршка и од Здружението на културните друштва на Љубљана чиј претседател Јоже Остерман присуствуваше на Рациновата вечер. Македонското друштво планира настан посветен на Рацин да организира и за учениците кои посетуваат настава по македонски јазик од сите краеви на Словенија. Иницијатор на Рациновата вечер беше велешанката Јелица Порента, музиколог во пензија и преведувач која живее и работи во Љубљана.