Британскиот амбасадор во работна посета на Велес

ImageНеговата екселенција Роберт Чатертон Диксон, Амбасадор на Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска оствари средба со Градоначалникот Аце Коцевски на која беа разменети мислења околу повеќе актуелни теми поврзани со проблемите во процесот на децентрализација како и еколошките проблеми со кои Велес сеуште се соочува по затворањето на топилницата.

Британскиот амбасадор изрази задоволство од можноста директно да се запознае со актуелните состојби во Велес како и подготвеност за соработка во реализацијата на проекти во одделни приоритетни области за локалната заедница.

На прес конференцијата по работната средба, Градоначалникот Коцевски изрази задоволство од интересот на Амбасадорот Диксон да се запознае одблиску со Велес и проблемите со кои се соочуваат неговите жители и изрази надеж за продлабочување на соработката со Британската Амбасада во Република Македонија.

Како што беше речено на средбата со новинарите, Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска преку учество во глобални програми за помош досега вложило значајни средства во Република Македонија, а само во програмите на Европската агенција за реконструкција учествува со околу 8 милиони евра.

Во Велес со помош и поддршка од Британската Амбасада се реализирани значајни проекти наменети за децата со посебни потреби и децата жртви на загадувањето со тешки метали.

Image