Физибилити студија за регионално управување со отпад

Претставници на австриската агенција АСА и консултантската куќа „Поинт про“, на 2-ри ноември годинава, во Велес ја презентираа Физибилити студијата за модернизација на управувањето  со цврст комунален   отпад во Вардарскиот регион. Изработката на документот ја поздрави Градоначалникот Горан Петров, претседател на Советот за развој на Вардарскиот плански регион. „На ниво на регион добивме квалитетна студија која ги дефинира сите правци на планот на управувањето со цврст комунален отпад. Убеден сум дека оваа физибилити студија ќе го отвори правилниот, стратешки пристап за управување со отпадот“, рече меѓу другото Петров кој придонесот на АСА и „Поинт про“ го оцени како немерлив и непроценлив.

„Оваа студија е прв чекор кон приближување на Вардарскиот регион кон модерни модели за управување со цврст комунален отпад“, рече Александар Бузалков, раководител на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион.  Пред присутните претставници на Министерството за животна средина, јавните комунални претприја и службеници, физибилити студијата ја презентираше Сабине Киц, претставник на австриската Агенција АСА. Таа ги презентираше анализите на постојната ситуација со управување со отпадот во регионот, идентификуваните проблеми меѓу кои потребата за нова опрема во јавните претпријатија, предложените решенија и локации за регионална депонија. Според АСА, меѓу 4-те предложени локации предничи депонијата во Росоман со опција во Велес да постојат трансфер станици за отпадот од Велес, Лозово, Чашка и Свети Николе.

Конечната одлука за локацијата на регионалната депонија треба да ја донесе Советот за развој на Вардарскиот плански регион.  Сабине Киц  презентираше модерен систем за управување со отпад кој може соодветно да биде имплементиран во Вардарскиот регион и да овозможи достигнување на европските стандарди за управување со отпад и заштита на животната средина. Данчо Узунов, претставник на консултантската фирма „Поинт про“ ги претстави финансиските аспекти на системот за управување со отпад. Се проценува дека во првата фаза ќе биде потребна инвестиција од 3,5 милиони евра. Физибилити студијата е прв документ од ваков вид во Регионот и солидна основа за сите понатамошни активности чија цел е достигнување на европските стандарди во оваа сфера.