Продадени 18 парцели во „Речани 2“
Во Министерството за транспорт и врски се одржа јавно наддавање за продажба на 18 градежни парцели во индустриската зона „Речани 2“ за изградба на објекти наменети за магацини, складишта, занаетчиство и производство. Почетната цена на јавното наддавање изнесуваше 61 денар по метар квадратен. На јавното наддавање пристигнале вкупно 175 пријави. За 18 парцели со вкупна површина од 17.910 метри квадратни, постигната е цена од 14.771.933 денари. Најповолните понудувачи се должни во рок од 15 дена ги уплатат средствата согласно постигната крајна цена од наддавањето. Индустриската зона „Речани 2“ е отворена во 2006 година.
Инфраструктурата во зоната беше изградена од средствата од наградата за добро проектно управување што Општина Велес ја доби од Европската Унија во рамките на програмата „Награда за општините“. Со инвестицијата вредна 197.000, атрактивниот простор кој се наоѓа во непосредна близина на автопатот Велес Скопје и аеродромот „Александар Велики“ доби патна инфраструктура. Општината вложи дополнителни 25.000 евра за изградба на подземна инфраструктура, а ЈКП „Дервен“ обезбеди средства за поставување на водоводна мрежа. Во првата фаза беа продадени 12 плацови на заинтересирани домашни инвеститори. Продажбата на уште 18 плацови во зоната го врати оптимизмот во Велес во насока на реализација на стратешките определби на општината за интензивен економски развој. Со последното законско решение за градежно земјиште се очекува 80% од средствата од продажбата да влезат во општинската каса. Велес како и сите општини во Македонија го очекуваат и новото законско решение што од 2011 година треба да овозможи општините да управуваат со градежното земјиште. Ова решение според градоначалниците и ЗЕЛС ќе овозможи привлекување на инвеститори и вистинска децентрализација во областа на урбанизмот и локалниот економски развој.