Мето Јовановски добитник на наградата „Петре Прличко“ 2010
Стручната жири комисија за доделување на наградата „Петре Прличко“ за 2010 година во состав Јордан Витанов, актер и претставник на Општина Велес, Васил Зафирчев, актер и претставник на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ - Велес и Виолета Џолева, режисер и претставник на Здружението на драмски уметници „Џинот“ едногласно одлучи оваа престижна награда да му биде доделена на истакнатиот македонски актер Мето Јовановски за неговото четиридецениско творештво и блескава актерска кариера. На прес конференцијата одржана во Општина Велес на 5-ти ноември годинава, одлуката ја соопшти актерот Васил Зафирчев.
Како што истакна Зафирчев комисијата одлучила Мето Јовановски да ја добие наградата како актер со исклучителен актерски талент, со необично еруптивна актерска природа и вонсериско актерско присуство. Актер со комплетна и комплексна персоналност, со широк творечки дијапазон кој го вбројува меѓу најистакнатите актери не само во Македонија туку и на Балканот. „Навистина е чест да се здобиеш со едно такво признание, со еден од нашите великани, доајенот Петре Прличко кој го сметам како апсолутен бисер во тој мозаик на македоското глумиште.Бисер затоа што беше апсолутно автентичен, наш македонски автентичен актер, роден во Велес во време кога се играла претстава за да се преживее една ноќ. За мене тој е ретка и возбудлива личност, патоказ во колективната меморија на македонскиот народ и пример каква треба да биде посветеноста на актерот кон својата професија“, рече на прес конференцијата актерот и режисер Мето Јовановски. Тој говореше за есенцијалните вредности на актерската професија за него, за заедничката работа со Прличко во серијата „Комедијанти“ за искуствата во претставите на Чехов и на филмското платно во незаборавните „Среќна нова 49“ и „Тетовирање“. Јовановски нагласи дека секоја од безбројните улоги на театарската сцена и на филмското платно за него е драгоцена и посебна.
„Се радувам најискрено, затоа што мислам дека наградата оваа година оди во вистински раце. И поранешните и годинашниов добитник говорат за еден чесен пристап кон оваа награда“, рече Јордан Витанов. Наградата „Петре Прличко“ е востановена во 2006 година на иницијатива на Општина Велес, Народниот театар „ Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ - Велес и Здружението на драмски уметници на Република Македонија „Џинот“. Наградата на Јовановски ќе му биде врачена на 9-ти ноември годинава во рамките на одбележувањето на Денот на Општина Велес кога во негова чест велешкиот Народен театар ќе ја одигра претствата „Баханалии“.