Што ќе донесе патот кон Европа?
Во рамките на кампањата „Европа сега“ на Фондацијата Институт отворено
општество Македонија, во организација на Центарот за поддршка на НВО,
во Велес се одржа трибина на тема „Процесот на придружување на
Република Македонија кон Европската Унија и перспективи“, а
предизвиците пред кои се наоѓа Македонија, за предпристапниот
инструмент ИПА кој ќе ја замени програмата КАРДС и обврските во областа
на заштитата на животната средина, на трибината говореа д-р Финка
Серафимова и Марија Игнатова, претставници на Секретаријатот за
Европски прашања.
Како што беше речено на трибината ИПА инструментот
опфаќа 5 компоненти меѓу кои помош за транзиција, регионален и рурален
развој. Се очекува планираната помош на Европската Унија за Македонија
преку овој инструмент да изнесува двојно повеќе околу постојната или
конкретно, околу 80 милиони евра. По презентацијата на ригорозните
стандарди што ЕУ ги налага во областа на заштитата на животната
средина, за велешани се отвори прашањето дали конечно државата ќе
направи нешто конкретно за елиминирање на последиците од тридецениското
загадување со тешки метали. Присутните граѓани на трибината од
претставничките на Секретаријатот за европски прашања побараа и одговор
на прашањето дали процесот на евроинтеграции ќе значи намалување на
армијата невработени во Велес и развој на економијата. На трибината
Општина Велес ги презентираше досега постигнатите резултати во
усогласувањето на организацијата и работата на администрацијата со
европските стандарди како и тековните проекти кои се одвиваат во
соработка и со поддршка од Европската Унија.