7000 рози за здрави генерации
На својот најголем празник, 9-ти ноември, велешани и на терен ја покажаа желбата за чиста и здрава животна средина. Општина Велес во соработка со Еколошкото друштво „Вила Зора“ со финансиска поддршка од Швајцарската Амбасада во Република Македонија, ги засадија првите 1.900 од вкупно 7000 рози чија цел е деконтаминација на загадената почва. Акцијата стартуваше во Градскиот и Младинскиот парк, а во наредниот период ќе продолжи и во дворовите на училиштата и градинката . Во најголемата еколошка акција покрај градоначалникот Горан Петров, претседателот и членовите на Советот на Општина Велес и членовите на ЕД „Вила Зора“, рози засадија и градоначалниците на збратимените градови Свиштов и Ужице, Станислав Благов и Јован Марковиќ како и претставници на институции, организации и медиуми.
„Очекувам акцијата да го претвори Велес од црна еколошка точка во цветен град. Ја повикувам Владата и министерствата за животна средина и за земјоделство да помогнат во деконтаминацијата и на земјоделското земјиште“ изјави градоначалникот Петров за медиумите. „Многу е значајно да сториме се да и помогнеме на загадената почва во двата парка, на која сега се плашиме да газиме и стравуваме да ги пуштиме да играат нашите деца“, рече д-р Ненад Коциќ, претседател на Еколошкото друштво Вила Зора. Екологистите најавија понатамошна битка за дислокација и на депонијата на топилницата што сеуште претставува опасност за велешани.