Промоција на туристички водич за Велес и делата на „Папрадишки мајстори“
Денот на Општина Велес беше повод, традиционално учесниците на сликарско-копаничарската колонија „Папрадишки мајстори“ да ги претстават делата создадени овојпат во амбиентот на староградската велешка архитектура. Изложбата на делата од шестото издание на сликарско - копаничарската колонија „Папрадишки мајстори“, во ликовниот салон ја отвори Славчо Чадиев, претседател на Советот на Општина Велес. „Целта на колонијата пред се е промоција на Велес како културно место со традиција и вредности. Најголема придобивка се продлабочените врски меѓу велешките,македонските и странските уметници“, рече Чадиев.
Во рамките на настанот беше презентиран и новиот промотивен материјал на Општина Велес насочен кон туристите и посетителите од земјава и странство. Туристичкиот водич и репрезентативните разгледници на Велес ги промовираше Миодраг Атанасиевски, претседател на Туристичката комора на Македонија кој нагласи дека туризмот е трета меѓу водечките стопански гранки во светот и дека туристичкиот водич на Велес како град со древна историја и изградени културни брендови допрва ќе донесе резултати на планот на развојот на туризмот. Водичот кој е трет од ваков вид во Македонија, по Град Скопје и Охрид, го изработи фирмата „Тримакс“.