Граѓаните учествуваат во кроењето на буџетот
Како израз на континуитетот во транспарентното работење и учеството на јавноста во одлучувањето, Општина Велес и годинава во соработка со Фондацијата „Фокус“ организираше јавни расправи за буџетот и нацрт програмите за активностите на општината во сите области на надлежност во 2011 година. На јавните расправи претставниците на урбаните и месните заедници, локалните институции, здруженија на граѓани и граѓаните како поединци имаа можност да ги искажат своите ставови и предлози по нацрт документите. И овојпат кај урбаните и месните заедници најголем интерес предизвика Програмата за уредување на градежно земјиште и заштита на животната средина која ги содржи сите планирани инфраструктурни проекти. Градоначалникот Горан Петров побара од граѓаните заеднички да одлучат кои проекти ќе бидат приоритет во рамките на постојните средства во буџетот.
„Средствата во буџетот се лимитирани и реално е можно да се реализираат дел од Вашите барања. Треба заеднички да одлучиме кои проекти ќе бидат приоритет во 2011 во рамките на реалните можности“ , рече Градоначалникот. Граѓаните побараа реализација на повеќе инфраструктурни проекти кои се однесуваат на доградба и санација на патна инфраструктура, водовод и канализација. Како што беше речено на расправата еден од најгорливите проблеми останува атмосферската канализација за чие решавање се потребни милионски суми. Интерес покажаа и претставниците на институциите од културата, образованието, спортот, спортските клубови и здруженијата на граѓани кои дискутираа за приоритетите во областа на културата, образованието, социјалната заштита, соработката со невладини организации, заштитата и спасувањето и противпожарната заштита како и комуникацијата со јавноста и меѓународната соработка. Предложените приоритети на граѓаните се интегрираа во предлог верзијата на програмите за 2011 година за кои Советот на Општина Велес ќе одлучува на 15-ти ноември годинава. До 12-ти ноември, извештајот од Јавните расправи ќе биде објавен на веб страницата на општината, во делот „Задоволство од услуги“.