Доделена наградата „Петре Прличко“

На 9-ти Ноември годинава, во рамките на одбележувањето на 66 годишнината од ослободувањето на Велес, во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ беше доделена наградата која го носи името на бардот на македонското глумиште „Петре Прличко“. Плакетата со неговиот лик и паричната награда  на годинешниот добитник актерот и режисер Мето Јовановски му ја врачија  Градоначалникот Горан Петров и  Јордан Витанов, член на стручната Жири комисија и директор на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи-Константинов-Џинот“. Како што стои во образложението на стручното жири  за доделување на наградата  што го презентираше Витанов, Јовановски во својата плодна четиридецениска кариера се потврди како „актер со комплетна и комплексна персоналност, со широк творечки дијапазон кој го вбројува меѓу најистакнатите актери не само во Македонија туку и на Балканот“.

Присутните во салата имаа можност да проследат видео презентација од незаборавните улоги на Мето Јовановски на театарската сцена и филмското платно. Во своето обраќање кон публиката, Јовановски изрази задоволство и чест за наградата која го носи името на Прличко, актерот што е вграден во колективната меморија на македонскиот народ. Во чест на Мето Јовановски, велешкиот Народен театар ја одигра претставата „Баханалии“ во режија на Наташа Поплавска. Наградата „Петре Прличко“ ја востановија Општина Велес, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ –Велес и Здружението на драмски уметници на Македонија „Џинот“.