Викенд во знакот на питата и виното

На 20-ти и 21 ноември годинава, Велес живееше во знакот на традиционалната пита пастрамајлија, доброто вино и староградската музика. 14 ресторани, 8 винарии и 5 пекари од Велес, Неготино и Штип учествуваа на традиционалната манифестација „Велешка пита-пастрамајлија“. На штандови лоцирани во центарот на Велес, на улицата „Маршал Тито“, угостителите привлекоа голем број граѓани со препознатливиот зимски специјалитет и квалитетното македонско вино. За 48 часа  во рамките на акцијата се продадени околу 40.000 пити-пастрамајлии.

За првпат годинава, манифестацијата беше организирана на отворен простор и со можност за многу поголема масовност на посетителите од Велес и од многу други градови во Македонија. Граѓаните го искористија убавото време не само да уживаат во специфичниот вкус на велешките специјалитети и македонското вино, туку и да ги слушнат препознатливите звуци на велешката чалгија и староградската музика. Културно-уметничката програма која беше вистински поттик за учесниците, но и за посетителите на манифестацијата, придонесе ова издание на питијадата да биде запаметено по многу пријатни моменти под ноемвриското сонце. И овојпат акцијата имаше хуманитарен карактер, а акцијата за собирање на хуматирани средства од учесниците и посетителите ја организираше Општинската организација на Црвениот крст. Масовноста на посетителите покажа дека питијадата прераснува во вистински туристички бренд на Велес. На манифестацијата и претходеше и дводневно празнување на „Божоле“ во чест на младото вино. Велешките угостители на 17-ти и 18-ти ноември годинава понудија популарни цени за виното и привлекоа голем број гости, љубители на квалитетното македонско вино.