Одржлив развој преку заштита на архитектонското наследство
На 25 и 26 ноември годинава, Градот Скопје беше домаќин на 5-те Европски и меѓумрежни средби на тема „Заштита и привлечност на старите градски центри“. Средбите се одржаа во организација на Француската национална асоцијација на градови со историја и уметност, Министерството за култура на Република Македонија, Градот Скопје и Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство. На отворањето на средбите присуствуваа Дарко Стефановски, Државен секретар во Министерството за култура Жан Клод Шлумберже, Амбасадор на Република Франција во Република Македонија, , Коце Трајановски, Градоначалник на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Жерар Дикло, член на советот на Француската национална асоцијација на градови со историја и уметност и Горан Петров, Градоначалник на Велес и претседател на Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство.
Конференцијата им овозможи на присутните претставници на градовите од Македонија, Франција, Шпанија, Романија, Хрватска, Албанија, Бугарија и Косово како и претставници на Советот на Европа да разменат искуства и практики на планот на заштитата на архитектонското наследство како еден од најзначајните столбови на одржливиот развој на општините. Во рамките на средбите се одржаа повеќе тркалезни маси посветени на тековните состојби во заштитата на архитектонското наследство на Балканот и во земјите членки на Европската Унија. Учесниците ги разгледаа можностите за развој на старите градски центри како и потребите на планот на градењето на капацитетите во локалната самоуправа и сензибилизацијата на граѓаните за нивното културно наследство. Примерите на инвентаризација на старата скопска чаршија и староградскиот центар на Битола, функционалниот систем на заштита кој се применува во Бајон, Ангулем и други градови во Франција предизвикаа интерес особено кај присутните претставници од општините од Македонија. Во контекст на актуелните состојби беше констатирано дека во Македонија и во други земји на Балканот не постои систем на субвенции и општините не се во можност да ги преземат сите неопходни мерки. Неопходен е интегриран пристап кон заштитата на архитектонското наследство во соработка со надлежните институции кое треба да се стави во функција на културата и промоцијата на општините. Средбите беа збогатени со корисни информации од Секретаријатот за европски прашања околу ИПА и останатите програми на Европската Унија во кои можат да се аплицираат меѓународни проекти за заштита на архитектонското наследство. Градоначалникот Горан Петров, во функција на претседател на Асоцијацијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство ги презентираше тековните состојби и потребата од зајакнување на капацитетите и обука на стручни лица за заштита на чаршиите и староградската архитектура. Во периодот што следи, со поддршка на француската Национална асоцијација на градови со историја и уметност поголем број македонски општини ќе се вклучат во процесот на инвентаризација на архитектонското наследство и преку изработка на детални урбанистички планови ќе придонесат за заштита и функционалност на македонското архитектонско богатство.