Со фудбал до хуманост
Љубителите на спортот и атракциите на 4-ти декември годинава имаа можност во спортската сала „Гемиџии“ да присуствуваат на несекојдневен спортско - рекреативен настан. Насловена “300 минути фудбалско шоу“ манифестацијата ги собра на едно место членовите на Советот на Општина Велес, припадниците на АРМ, полицијата, новинарите, актерите и свештениците кои ги одмерија силите во фудбал. Покрај фудбалските атракции на теренот можеше да се види од се по нешто, кошарка, рагби дури и модерен балет. Манифестацијата беше од хуман карактер, а доброволните прилози што беа собрани во рамиките на настанот се наменети за децата заболени од церебрална парализа.
Хуманоста на велешани овојпат беше зачинета со вистинско уживање на неочекуваните ситуации на теренот. Особен интерес предизвика натпреварот помеѓу советничките на Општина Велес и новинарките кои изведоа шоу за присутната публика. Натпреварот заврши со победа на советничките. Со умешноста во фудбалот изненади екипата на Народниот театар „Јордан Хаџи - Константинов - Џинот“, но и сите учесници. На крајот победничкиот пехар Градоначалникот Горан Петров и го додели на екипата на СВР, која се покажа најумешна во оваа колаж-конкуренција. На новинарите кои го иницираа настанот им припадна второто место. Во секој случај велешани покажаа дека можат да бидат хумани и истовремено да ја подобрат меѓусебната комуникација и соработка. Веќе се најавува можноста фудбалското шоу да стане велешка традиција.