Потпишан договорот за збратимување со Адалар
Горан Петров, Градоначалник на Општина Велес и Хидир Увачин, претседател на Советот на Општина Адалар (Принцови острови), Република Турција, на 16-ти декември годинава во Велес го потпишаа договорот за збратимување на двете општини. На свечената седница на Советот на општината што се одржа по тој повод, Славчо Чадиев претседател на Советот на Општина Велес ја поздрави делегацијата од Република Турција предводена од Хидир Увачин со напомена дека на 12 октомври годинава Советот на Општина Адалар донесе одлука за збратимување со Општина Велес.
„Иако географски нашите две општини се оддалечени, во суштина нас не поврзуваат многу заеднички нешта што е голема гаранција дека соработката ќе биде успешна и плодна“ рече Градоначалникот Горан Петров на свечената седница. „Адалар е Мозаик на различни култури како Велес кој ги носи спомените на нашите предци што пред 5 века дојдоа во Македонија. Денес е прв ден од нашето збратимување. Сега и ние ве очекуваме во Адалар“ рече Увачин. Во составот на делегацијата од Република Турција беа Мустафа Берекетли, помошник на градоначалникот на Адалар и иницијатор на збратимувањето со Велес, Фети Окјар, советник за меѓународна соработка и Рамазан Ѓулер, претседател на Асоцијацијата за пријателство помеѓу Истамбул и Велес. Адалар е општина распослана на 9 острови од кои 5 се населени. Општината се наоѓа во непосредна близина на Истамбул. Според најавите, првичната соработка ќе се одвива на планот на културата со поддршка на реконструкцијата на објекти од отоманскиот период во Велес, во областа на туризмот како и со взаемното учество на меѓународни културни манифестации.