Велес со Новогодишен лик

Во пресрет на Новогодишните и Божиќните празници, Општина Велес ја финализираше декорацијата на јавните градски простори. Во рамките на активностите оспособени се светилките на улицата „Благој Ѓорев“ и поставени се 14 висечки украсни елементи во централното градско подрачје. Во Младинскиот парк блесна големата елка, а поставени се уште три Новогодишни елки на локациите пред пошта, „Сако трејд“ и „Зоил Македонија“. За првпат Општина Велес постави светлечко црево во должина од 400 метри на мостот „Гемиџии“ и 30 светлечки лампиони на древните јавори во срцето на градот.

Симболот на велешани, градската саат кула од сите четири страни е обвиена со светлечка завеса во висина од 10 метри. Влезот на градот по должина на улицата „Димитар Влахов“ е украсен со 40 нови украсни елементи поставени на металните столбови за улично осветлување. Новогодишната атмосфера е тука. За целосен впечаток на најубавите празници само да ја споделиме желбата на најмладите велешани: снег за Нова година.