Светлина на Вардар
Големиот христијански празник Водици и годинава привлече голем број граѓани на бреговите на Вардар. 76 мина најхрабри влегоа во Вардар во потрага по светиот крст што го фрли Митрополитот на Повардарската Епархија, господин Агатангел. За првпат годинава на традиционалниот празник Богојавление – Водици присуствуваше Претседателот Ѓорге Иванов, со неговиот гостин Георг Фон Хабсбург, Амбасадор за европски прашања во владата на Унгарија. „Бог ја запиша светата Македонија и затоа таа ќе опстои и покрај сите притисоци“, рече Митрополитот Агатангел на церемонијата.
48 годишниот Зоран Миладинов беше најсреќен меѓу вернците што годинава се фрлија во водите на Вардар по светиот крст. За Миладинов Водици значат среќа и бериќет што го почувствувал пред 14 години кога за првпат се фрлил по крстот. Тој доби пригодни подароци од Преседателот Иванов, а подарокот од Општина Велес му го врачи Градоначалникот Горан Петров. Најсреќниот велешанец на Водици доби подароци и од ЈКП „Дервен“ како и од други претпријатија и стопанственици.