Maкедонија се претставува на Вироекспо 2011

Во рамките на Меѓународниот саем за стопанство, предприемништво и земјоделство Вироекспо 2011 , што од 21 до 23 јануари годинава се одржува во Вировитица, Република Хрватска, Република Македонија се претставува како земја партнер. На саемот веќе се одржа презентација на успешната билатерална соработка на која Милан Ванѓура – претставник на Стопанската Комора на Хрватска од  Вировитичко подравската Жупанија  ја нагласи успешната соработка со Република Македонија на планот на меѓународната трговска размена. На презентацијата, што се одржа на 20-ти јануари во седиштето на Вировитичко – подравската жупанија,  Крум Ефремов  Државен  советник при Министерството за надворешни работи на Република Македонија  и Билјана Стојановска, претставник на Министерството за економија говореа на тема „Како економски да се соработува со Република Македонија“.

Пред домаќините во Хрватска како и многубројните учесници на саемот од Европа и Светот беше претставено и македонското винарство  како и инвестициите во македонското земјоделство. Во склопот на македонската делегација се и Данчо Марковски, Амбасадор на Република Македонија во Република Хрватска , Горан Петров, Градоначалник на Општина Велес, Славчо Чадиев, претседател на Советот на Општина Велес и Александар Бузалков, раководител на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион и Трајче Трајков, претседател на Регионалната стопанска комора - Велес. Централната свеченост на саемот е најавена за 21 јануари (петок) кога саемот Вироекспо 2011 свечено ќе биде отворен во присуство на претставници  од вкупно 19 земји.