Велес се збратими со Каршијака

Советот на Општина Велес на 24 јануари годинава донесе одлука за збратимување со Општина Каршијака - Измир, Република Турција. Одлуката беше донесена врз основа на иницијативата на нашите иселеници и Одлуката за збратимување што  Советот на Општина Каршијака ја донесе на 3-ти јануари годинава. Општината излегува на море, изобилува со голем број на шуми и маслинови градини. Таа е модерна општина со високо развиени капацитети од областа на туризмот, културата и трговијата.

Каршијака  опфаќа област во должина од 12 километри вдолж североисточниот дел на заливот на Измир. Центарот на општината е на 20 километри од традиционалниот староградски центар на Измир .Позната е  по највисокото ниво на квалитет на образованието во Турција, а градот е познат и по трговијата, урбаната култура и туризмот. На економски план покрај преку туризмот и образованието, општината се развива и како еден од омилените центри на пензионерите од сите краеви на Турција кои популацијата на градот ја зголемуваат за 2,3 проценти. Во општината се изградени околу 220.000 резиденции само за оваа намена. Каршијака е центар и на работната сила на  Измир во областа на индустријата и услугите. Општината има 11.570 претпријатија од кои 207 се индустриски, а останатите потпаѓаат под трговија. Каршијака е препознатлива и по развојот на модерната архитектура, но и заштитата на архитектонското наследство како и по богатото историско и културно наследство.