Мерки за зголемување на безбедноста на учениците
Градоначалникот Горан Петров вчера одржа работна средба со директорите на средните училишта од градот. На средбата на која присуствуваа и претставници на Министерството за внатрешни работи – Сектор за внатрешни работи Велес, се расправаше за безбедносната состојба во училиштата. При тоа од страна на директорите беше елаборирана состојбата и мерките што се преземени за зголемување на безбедноста на учениците во училиштата, како и предлог мерките произлезени од наставничките совети и средбите со родителите. Како резултат на тоа во некои од училиштата веќе е воведено физичко обезбедување од страна на агенции за обезбедување.
Со цел за подобрување на состојбата и преземање на соодветни превентивни мерки, Градоначалникот Горан Петров ги информираше директорите дека на планот на превенцијата и одржувањето на безбедноста во и околу училишните згради и понатаму ќе продолжи соработката со Секретаријатот за внатрешни работи, а во соработка со ОБСЕ и Советот за превенција ќе биде изготвена Стратегија за превенција и зголемување на безбедносната состојба во училиштата. Во реализацијата на овој проект ќе бидат вклучени наставниците, стручни соработниците во училиштата, учениците и нивните родители.