Заштитата на велешката архитектура во меѓународен проект
Во рамките на Програмата за децентрализирана соработка помеѓу Република Македонија и Регионот Долна Нормандија, во периодот од 23 до 25 февруари 2011 година, во Општина Велес ќе престојува делегација на Француската национална асоцијација на градови со историја и уметност и градови со заштитени зони и сектори. Целта на посетата на експертите од Република Франција е на лице место да ги утврдат можностите за заштита на зачуваната градска архитектура и заедно со македонските колеги да работат на инвентаризација на архитектурата во Велес.
Покрај средбите со Градоначалникот Горан Петров, гостите од Република Франција ќе остварат работни средби со стручни лица и архитекти од Велес, Куманово, Кратово, Берово, Штип и други општини заинтересирани да го заштитат архитектонското богатство. По повод првата фаза на овој значаен проект, Општина Велес ги поканува заинтересираните граѓани да ја проследат презентацијата на методологијата за инвентаризација на архитектонското наследство што француските експерти ќе ја одржат во петок, 25.02.2011 година, со почеток во 12 часот, во Големата сала на Општина Велес.