Општините стратуваат со заштита на архитектонските бисери

Подготовка на првите локални урбанистички планови со вклучување на заштитени зони со архитектонско наследство е целта на која ќе работат стручните лица од  одделенијата за урбанизам во Велес, Куманово, Берово, Штип и Кратово. Овие општини покажаа интерес за методологијата за инвентаризација на архитектонското наследство во Република Франција. На презентацијата на методологијата покрај градоначалници и стручни лица од општините присуствуваа и архитекти, надворешни соработници на Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство, претставници на  АЛДА, НУ Конзерваторски Центар Скопје, Францускиот културен центар, Франкофонскиот круг, урбаните заедници, млади франкофони и граѓани.

Делегацијата на Француската национална асоцијација на градови со историја и уметност предводена од директорката Марилиз Ортиз, на македонските стручњаци им ја предаде методологијата чија цел е во наредните 3 години да се работи на имплементација на европските стандарди во заштитата на архитектонското наследство. Над 180 општини во Република Франција се членки на француската асоцијација што претставува добра основа и за билатерална соработка со општините во Регионот Долна Нормандија. До мај годинава стручните лица во општините треба да ги подготват прелиминарните урбанистички планови за заштитени зони во чиј опфат има непроценливо архитектонско наследство. Истовремено ќе се работи и на подигање на свеста на граѓаните за значењето на старата архитектура. Француската делегација ќе престојува во Македонија повторно во текот на мај годинава кога ќе започне втората фаза од проектот. Проектните активности се дел од оската 3 на Програмата за децентрализирана соработка помеѓу Република Македонија и Регионот Долна Нормандија.