Подобрување на работата на училиштата
Во организација на Општина Велес, на 3-ти март годинава, во големата сала на општината се одржа едукативна работилница посветена на подобрувањето на квалитетот на наставата и воопшто работата на училиштата. Присутните претставници на основните и средните училишта ги поздрави Градоначалникот Горан Петров кој нагласи дека самопроценката претставува нов процес за подобрување на квалитетот на наставата. Овој процес, како што рече Градоначалникот е дел од системите за управување со квалитет. Божидар Јовиќ, советник-просветен инспектор ја презентираше методологијата за самопроценка на наставниот кадар и училиштето во целина.
Стручните тимови на училиштата од Велес, Лозово и Чашка имаа можност да се запознаат со принципите за квалитет и воспоставените европски стандарди кои ги презентираше Сашко Ристовски, раководител на одделението за економски развој и информатичка технологија. Настанот беше дел од континуираните заложби на општината за постојано подобрување на квалитетот на наставата на локално ниво. Според најавите, до крајот на учебната година училиштата ќе направат самопроценка на својата работа и ќе достават извештаи до општината, Бирото за развој на образованието и Државниот испитен центар на Република Македонија.