Стартува легализацијата на бесправно изградените објекти
Градоначалникот Горан Петров, на прес конференцијата што се одржа на 4-ти март годинава, ги информираше граѓаните за стартот на примената на Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Градоначалникот нагласи дека законот е во функција на олеснување на процедурата за легализација што ќе им овозможи на граѓаните за многу кратко време, по многу поволни услови да ги легализираат своите објекти. „Општината ги презема сите потребни мерки за спроведување на законот. Во наредните 6 месеци, граѓаните ќе можат да ги доставуваат барањата во Граѓанскиот сервис центар како и во истурените канцеларии на општината во Горно Оризари, Бузалково и Иванковци“, рече Петров кој ја извести јавноста дека сите потребни информации околу примената на законот се веќе на располагање на граѓаните на официјалната веб страница на општината, во Граѓанскиот сервис центар како и на Граѓанскиот информатор пред стоковната куќа.
Граѓанскиот сервис центар ќе биде доволно екипиран за да одговори на предизвикот на илјадниците барања што се очекуваат. Според проценкит, рече Петров во Велес околу 5 до 6000 градби се со статус на нелегални објекти. Во оваа бројка не се вклучени објектите кои имаат дозвола за градба, но подоцна сопствениците направиле доградба која исто така треба да се легализира. Со овој закон нема да се третираат времените објекти за кои Советот на општината треба да донесе Програма и да утврди локација по што ќе се постапува согласно законската регулатива која утврдува кои видови дејности можат да се вршат во времени објекти. Барањата за утврдување на правниот статус на објектите кои се предмет на Законот за постапување со бесправно изградени објекти се достапни во електронска форма на веб страницата на општината.