Хуманитарна акција за Денот на жената
Градоначалникот Горан Петров на припадничките на понежниот пол им го честиташе 8-ми Март со хуманитарна акција. На прес конференцијата што се одржа по повод Меѓународниот ден на жената, Градоначалникот Петров ја информираше јавноста дека и годинава Општина Велес одлучи празникот на жената да го одбележи со обезбедување на парична помош за 10 жени кои се наоѓаат во тешка ситуација. „Обезбедивме 30.000 денари, односно по три илјади денари. Средствата се наменети за жени од различни социјални категории меѓу кои има самохрани мајки, кориснички на социјална помош, жртви на семејно насилство Поради чувствителноста на проблемите со кои се соочуваат, добитничките на помошта се анонимни и ги одредува Меѓуопштинскиот центар за социјална работа“, рече меѓу другото Петров.
Нада Трајкова, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа изрази благодарност и задоволство што годинава по вторпат се доделува оваа помош во соработка со општината. Се надевам дека ова ќе прерасне во традиција. Минатата година доделивме помош за 3 жени, а годинава за 10. Се надевам дека помошта ќе им го разубави денот на овие жени кои ги избравме од различни социјални категории и различни националности“, рече Трајкова.
Градоначалникот нагласи дека доделувањето на помошта токму на 8-ми март е израз на заложбите на општината за надминување на стереотипите кои се карактеристични за овој празник.