Велешани за иднината на Велес

Под покровителство на Општина Велес, Зелената Коалиција на 20-ти март годинава ја организираше манифестацијата Денови на пролетта. Манифестацијата се реализираше со акција за пошумување на парцела на влезот од градот. Заедно со претставниците на 8 здруженија на граѓани од Зелената коалиција, во пошумувањето учествуваше Градоначалникот Горан Петров. „ Ова е локална акција спроведена благодарение  на Зелената Коалиција. На овој начин граѓаните на Велес  сакаат да ја пречекаат пролетта и да учествуваат во пошумувањето на  сопствениот  град“, изјави за медиумите Петров.

„Велес во иднина го гледаме како здраво  и чисто место за живеење, со зеленило и со здрави луѓе. Никако повеќе да не се случува она што се случуваше во минатото“, порача д-р Ненад Коциќ, претседател на ЕД „Вила Зора“. Учесниците во акцијата засадија стотина декоративни листопадни грмушки од сопствено производство на ЈКП   Дервен чија екипа го подготви теренот. Дочекувајќи ја пролетта на ваков симболичен начин, велешани порачаа дека иднината на Велес ја  земаат во свои раце.