Стратешки пристап во промоцијата на Вардарскиот плански регион
Во рамките на првата фаза од реализацијата на проектот “Развој на транзитниот и алтернативниот туризам во Вардарскиот регион“, Центарот за развој на Вардарскиот плански регион во соработка со општините од регионот организираше работилница за изработка на Стратегија за промоција и маркетинг на Вардарски плански регион. На работилницата што се одржа на 23 март годинава во хотелот „Монтенегро-ривијера“ присуствуваа претставници од општинските администрации, локалните установи, невладиниот и бизнис секторот од деветте општини во регионот.
„Проектот чија крајна цел е изградба и опремување на туристичка инфраструктура – информативни точки вдолж коридорот 10 ќе придонесе за развој на транзитниот туризам и намалување на развојните диспаритети. Според нашите проценки над 3 милиони корисници што транзитираат низ коридорот 10 ќе ги користат туристичките информативни точки“, рече Александар Бузалков, раководител на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион на отворањето на работилницата. Со поддршка на консултантите од консултантските куќи „Идеја О.К“, „Balkan development solution“, „Прима менаџмент консалтинг и „Урбан ДОО“ учесниците на работилницата работеа на идентификација и анализа на состојбите во регионот. Масовното присуство и активното учество на претставниците од општините во Вардарскиот плански регион ја потврди потребата од изработката на стратешки документ кој ќе биде основа за промоција на регионот на домашен и меѓународен план. Втората работилница на која ќе се градат визијата и Стратегијата за промоција и маркетинг на туристичките потенцијали во регионот ќе се одржи на 28 март годинава.