Презентирана програмата „Европа за граѓаните“

На 29 март годинава, во организација на Контакт точката при Министерството за образование и наука во соработка со Информативниот центар на Делегацијата на Европската Унија и ЕУ инфо точката при Општина Велес беше презентирана Програмата „Европа за граѓаните“. Програмата поддржува активности кои имаат за цел промоција на соработката помеѓу земјите членки во различни области поврзани со заедничките политики на Европската Унија. Програмата овозможува финансиска поддршка на проекти што промовираат активно европско граѓанство, помагаат за јакнење на чувството на граѓаните за европскиот идентитет и за припадност на ЕУ, како и за зајакнување на меѓукултурниот дијалог.

Како што беше речено на презентацијата, Програмата е отворена можност за општините, организациите што се занимаваат со истражување на европските јавни политики, здруженијата на граѓани, синдикатите и образовните институции. На презентацијата на која присуствуваа претставници на локални и регионални институции и невладини организации, присутните ги поздрави Славчо Чадиев, претседател на Советот на Општина Велес кој нагласи дека Општина Велес веќе чекори кон Европа со воспоставениот стандард за квалитет и постигнатите резултати на планот на реализацијата на меѓународните проекти. Општина Велес е вклучена во проектот ИНТАКТ во рамките на програмата „Европа за граѓаните“ кој опфаќа 20 партнери од 7 земји членки на ЕУ и земји со кандидатски статус.